Регионот со 500+ евра минимална плата, Македонија заглавена на 397 евра

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ)  реагира за „поразителната состојба” со минималната плата во земјата и посочува дека регионот оди напред, а само Македонија ги турка работниците назад.

Како што наведува ССМ, минималната плата во Македонија изнесува 397 евра и според најавите на Владата, нема да се менува до март 2026 година, освен за законското усогласување кое би донело зголемување од најмногу 1.600 денари. Синдикатот нагласува дека ова ја става Македонија на дното во регионот.

Регионална споредба

ССМ укажува дека повеќе земји во соседството веќе најавија сериозни зголемувања на минималните плати:

Косово ја зголемува минималната плата од 350 на 500 евра во две фази – 425 евра од јануари 2026, а 500 евра од јули 2026.

Албанија од 1 јануари 2026 воведува минимална плата од 500 евра, со што 307.850 вработени ќе добијат повисоки примања. Владата таму ќе ги субвенционира дополнителните трошоци за осигурување на приватниот сектор со 90 милиони евра.

Србија веќе од октомври 2025 има минимална плата од 500 евра, а од јануари 2026 – 550 евра.

Република Српска (БиХ) Економско социјалниот совет се согласи од јануари 2026 година минималната плата да изнесува : за неквалификуваните работници 512 евра, за квалификуваните работници 538 евра, за работниците со ССС 564 евра, за работниците со виша 692 евра, а за работниците со ВСС 743 евра.

Босна и Херцеговина веќе има минимална плата од 511 евра за 2025 година.

Црна Гора ја утврди минималната плата на 600 евра за работници со средно образование, односно 800 евра за високообразован кадар.

„Македонските работници тонат во сиромаштија, а Владата е задоволна што имаме најниски плати во регионот“, порача ССМ.