
Кога се користи ефикасно, вештачката интелигенција (ВИ) може да ја зголеми продуктивноста на компаниите до 40 проценти, според истражувањето на EY Work Reimagined 2025.
Анкетата, објавена во понеделник, беше спроведена меѓу повеќе од 15.000 вработени и 1.500 работодавци во 29 земји во регионите на Америка, Азија-Пацифик и ЕМЕИА, кои ги вклучуваат Европа, Блискиот Исток, Индија и Африка.
Хина наведува дека истото открива дека дури 88 проценти од вработените низ целиот свет веќе користат некаков облик на вештачка интелигенција во нивната секојдневна работа, но, и покрај нејзината широка примена, само 28 проценти од организациите успеваат да ја претворат оваа технологија во вистинска деловна вредност.
„Истражувањето открива критична разлика помеѓу примената на вештачката интелигенција и подготвеноста на луѓето да го извлечат максимумот од неа. Кога се користи ефикасно и врз основа на силна стратегија за управување со таленти, вештачката интелигенција може да ја зголеми продуктивноста на компанијата до 40 проценти“, соопшти EY.
И покрај нејзината широка примена, многумина чувствуваат притисок поради вештачката интелигенција, па 37 проценти од вработените стравуваат дека премногу потпирање на вештачката интелигенција може да ги наруши нивните вештини, додека 64 проценти чувствуваат зголемено работно оптоварување поради повисоките очекувања и ефикасност.
Сепак, истражувањето покажа дека само 12 проценти од вработените имаат соодветна обука за користење на вештачката интелигенција за да го реализираат нејзиниот целосен потенцијал. Покрај тоа, помеѓу 23 и 58 проценти од вработените признаваат дека користат „вештачка интелигенција во сенка“, односно свои решенија, кои не се одобрени од работодавачот.
Истражувањето предупредува дека кога вештачката интелигенција се потпира на слаба основа, без јасна стратегија за управување со таленти, култура на учење и систем за наградување, нејзините придобивки се значително намалени.
И покрај позитивните случувања, предизвиците што ги носи примената на вештачката интелигенција исто така се издвојуваат.
Така, инвестициите во образованието и оспособувањето на вработените носат конкретни придобивки, при што оние кои имаат завршено повеќе од 80 часа образование годишно заштедуваат во просек околу 14 часа неделно поради ефикасноста, но во исто време се значително посклони кон промена на работодавачите, бидејќи нивните вештини се многу барани на пазарот на трудот.
Како заклучок, извештајот дефинира пет клучни области важни за успешна интеграција на човечкиот фактор и технологијата со вештачка интелигенција – извонредност во примената, континуирано учење, развој на таленти, силна организациска култура и ефикасен систем за наградување, а според директорката за човечки ресурси во EY Хрватска, Инес Хорват, само 28 проценти од организациите ширум светот моментално ги поседуваат овие способности во целост.












