Децата на милијардерите ќе наследат најмалку 5,9 трилиони долари во следните 15 години!

Милијардерите префрлиле 298 милијарди долари на своите наследници во годината до април, што е најмногу откако почна да се мери статистиката во 2015 година, објави денес швајцарската инвестициска банка UBS.

Во истиот период, дури 91 лице станале милијардери со наследување на богатство, се додава во извештајот.

Нов извештај покажува забрзување на глобалниот трансфер на богатство, при што UBS прогнозира дека децата на милијардерите ќе наследат најмалку 5,9 трилиони долари во следните 15 години.

Истражувањето се базира на анкета на некои од супербогатите клиенти на банката UBS и база на податоци што го следи богатството на милијардерите на 47 пазари во сите региони во светот.

Се очекува голем генерациски трансфер на богатство пред сè во Соединетите Американски Држави, по што следат Индија, Франција, Германија и Швајцарија.

Милијардерите, особено помладата генерација, имаат тенденција да мигрираат, а нивните преселби би можеле да ја преобликуваат глобалната мапа на богатство, објавува Ројтерс.

„Младите милијардери бараат квалитет на живот, стабилност и безбедност. Даноците и геополитичките ризици значително влијаат врз нивните одлуки за тоа каде ќе живеат, каде ќе инвестираат и каде нивните наследници ќе ги продолжат своите семејни империи. Овие миграции можат драстично да ја променат глобалната распределба на богатството во наредните децении“, рече претставникот на UBS, Бенџамин Кавали.

UBS предупредува дека забрзаниот трансфер на богатство би можел да има пошироки последици за економиите, пазарите на недвижности и инвестициските текови.