
Железнички премин со Србија, изградба на автопати, магистрални и локални патишта, Регионален проект за цврст отпад, водовод и канализација во општините, модернизација во земјоделството, реконструкции во здравството и образованието – следната година значајни инфраструктурни проекти ќе зависат од “странски пари“ , заеми и грантови од меѓународни финансиски институции. Дополнително Владата најавува дека во буџетската 2026- та ќе започне и реализацијата на дел од проектите што треба да се финансираат и со пари од Британскиот кредит. Клучните патни и железнички коридори ќе се “потпираат“ на европски пари.
“Бизнис – инфо“ ги нотира најголемите инфраструктурни зафати за кои Владата дава “ветување“ дека ќе ги реализира во Буџетската 2026- та :
-Западен дел од патниот Коридор 8, автопатска делница Кичево – Букојчани, со заем од ЕБОР и грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан – ВБИФ
-Делницата Кичево – Охрид, финансирана со заем од ЕКСИМ банка.
-Изградбата на автопатската делница Скопје – Блаце (граница со Косово), која се финансира со заем од ЕБОР и грант од Инвестициската рамка за Западен 16 Балкан – ВБИФ
–Проектот за поврзување на локалните патишта, финансиран со заеми од Светска банка
-Втората фаза од Проектот за изградба и рехабилитација на источниот дел од железничката пруга – Коридор VIII: делница- Бељаковце – Крива Паланка, финансирана од ЕБОР и грант средства од инструментот Инвестициска рамка за Западен Балкан – ВБИФ.
-Изградба на заеднички железнички граничен премин со Република Србија, односно изградба и опремување на железничка станица Табановце во соработка со ЕБОР.
–Регионалниот проект за цврст отпад кој ќе се финансира со заем од ЕБОР
–Пречистителна станица за отпадни води во Скопје, кои се финансирани со заеми од ЕИБ и ЕБOР, како и грант од инструментот на ЕУ – Инвестициска рамка за Западен Балкан – ВБИФ
–Проект за енергетска ефикасност во јавниот сектор – заем од Светска банка и грант од Инвестициска рамка за Западен Балкан – ВБИФ
-Изградба на водоводни и канализациски системи во општините, финансирани од сопствени извори и со средства од новата кредитната линија од ЕИБ.
-Пречистителни станици во Битола и Тетово, Регионален систем за управување со отпад и затворање на депонии во Источниот и Североисточниот регион – средства од ИПА фондовите
Европската инвестициска банка, Светска Банка, Европската банка за обнова и развој, Планот за раст на Западен Балкан, ИПА фонодвите – ова ќе бидат главните “извори“ на средства за продолжување на постоечките и стартување на нови проекти следната година. Со заеми и грантови планирани се и проекти во образованието, здравството, енергетиката па сè до реконструкција на затвори и притворски одделенија.
Задолжувања дома и во странство..
Освен заеми од странски финансиски институции, во најава е и Британскиот кредит – од овј пакет ќе се финансираат инвестиции во железничкиот сектор и во здравството. За финансирање на буџетскиот дефицит планирани се задолжувања на домашниот и на странскиот пазар – следната година минусот во државната каса ќе изнесува 636 400 000 евра или 3,5% од БДП.
Според буџетските проекции во 2026- та треба да се отплатат 1 215 000 000 евра по основ на доспеан внатрешен и надворешен долг.
“Отплатата на главнината по основ на надворешен долг во износ од 54,9 милијарди денари го вклучува редовното сервисирање на обврските кон странските кредитори: еврообрвницата што беше издадена во 2020 година, во износ од 43,1 милијарди денари, ММФ во износ од 3,1 милијарди денари, ИБРД во износ од 3,3 милијарди денари, ЕБРД 2,2 милијарди денари, ИДА 0,9 милијарди денари, ЦЕБ 0,6 милијарди денари, ЕИБ 0,7 милијарди денари и остатокот од 1,0 милијарди денари кон други билатерални кредитори (ИФАД, КфВ, Јапонска агенција за меѓународна соработка и др.)“ – се наведува во Буџетот за 2026- та.
Следната година, според проценките на Владата, преку странски извори планирано е задолжување во износ од скоро 1 400 000 000 евра додека нивото на домашното задолжување ќе изнесува 578 000 000 евра.
Д.А.











