ЕУ ги заострува правилата за следење на странските директни инвестиции во чувствителните економски сектори

Европската Унија (ЕУ) постигна договор за промена на правилата во врска со странските директни инвестиции со цел да се спречи стратешките технологии и критичната инфраструктура да паднат во рацете на непријателски настроени инвеститори.

Ажурираните правила, кои се првиот значаен столб на стратегијата за економска безбедност што ја спроведува сегашната Европска комисија, ќе бараат од сите земји-членки систематски да ги следат инвестициите и да го усогласат начинот на кој тоа се прави во рамките на целата унија.

Според овие нови правила, земјите-членки ќе мора да ги следат и проверуваат инвестициите во врска со воена опрема и предмети со двојна цивилно-воена употреба, технологии како што се вештачка интелигенција, квантна технологија и полупроводници, суровини, енергија, транспорт, дигитална инфраструктура и инфраструктура за одржување избори како што се системи за гласање или бази на податоци.

Странските компании кои инвестираат во специфични финансиски услуги, исто така, мора да бидат предмет на верификација во земјите-членки.

„Постигнавме избалансирана и пропорционална рамка фокусирана на најчувствителните технологии и инфраструктура што ги почитува националните овластувања и е ефикасна и за властите и за деловната заедница“, изјави данскиот министер за индустрија, бизнис и финансиски работи, Мортен Бодсков, за Политико. Во моментов, до крајот на оваа година, Данска претседава со ЕУ, по што е ред на Кипар.

Во политичките разговори меѓу Брисел, Советот на ЕУ и Европскиот парламент беше потребен многу труд за да се постигне решение прифатливо за сите, бидејќи е спорно кои технологии и сектори ќе бидат предмет на задолжителна проверка, потоа како ќе се одвива координацијата меѓу членовите и кој го има последниот збор во одлучувањето кога инвестицијата ќе наиде на црвено светло.

И покрај барањето на Европскиот парламент, Европската комисија не доби овластување да арбитрира во случај на спорови меѓу земјите-членки во специфични инвестициски случаи. Одлуките ќе останат кај националните влади во кои се спроведува одредената инвестиција.

Потоа, кога друга земја-членка или Европската комисија ќе заземе став за инвестицијата, земјата што ја спроведува верификацијата мора да објасни како овие ставови биле земени предвид и причините за евентуалното несогласување.

Сепак, европскиот парламентарец кој беше задолжен за овој случај, Французинот Рафаел Глуксман од Унијата на социјалисти и демократи, смета дека е постигнат добар напредок бидејќи договорот ја зајакнува европската безбедност, додека за инвеститорите ќе биде полесно со хармонизирање на правилата за надзор во рамките на ЕУ.