
Германскиот производител на автомобили БМВ потврди дека постигнал рекордна продажба во Соединетите Американски Држави во 2025 година, трета година по ред, додека Ауди се соочува со значителен пад на побарувачката на истиот пазар.
Според податоците на германската компанија, БМВ продал 388.897 возила во Соединетите Американски Држави во текот на целата 2025 година, што претставува раст од 4,7 проценти во споредба со претходната година.
Во четвртиот квартал од 2025 година се продадени 113.512 автомобили, што е за 3,4 проценти помалку отколку во истиот период претходната година, објави Виршафтсвое.
Германските компании се под удар на американските царини за увоз на автомобили, но BMW е во поповолна позиција во споредба со конкуренцијата бидејќи голем дел од возилата за американскиот пазар се произведуваат локално.
Фабриката во Спартанбург, во американската држава Јужна Каролина, е најголемиот производствен погон во глобалната мрежа на BMW.
Спротивно на тоа, подружницата на Volkswagen, Audi, доживува значителен пад на продажбата во Соединетите Американски Држави. Во текот на 2025 година, во САД се продадени 164.942 возила од овој бренд, што е за 16 проценти помалку од претходната година.
Падот беше особено изразен во четвртиот квартал од 2025 година, кога продажбата на Audi падна за 36 проценти на 36.233 возила.











