
Банките во еврозоната ги заострија стандардите за корпоративно кредитирање во четвртиот квартал, што укажува на намалена толеранција на ризик, покажа анкетата на Европската централна банка (ЕЦБ) во вторник.
Стандардите за одобрување кредити на компании беа заострени во последните месеци од минатата година поради перспективите за компаниите и економијата како целина, според анкетата спроведена помеѓу 15 декември и 13 јануари меѓу 153 банки.
Банките малку ги заострија своите стандарди и во третиот квартал.
Во групата водечки економии на Еврозоната, стандардите за одобрување кредити на компаниите беа заострени во периодот од октомври до декември во Германија и Франција, додека во Италија и Шпанија останаа на нивото од трите летни месеци.
Стандардите за станбено кредитирање беа донекаде олабавени во четвртиот квартал. Граѓаните, од друга страна, мораа да сметаат на уште построги услови за одобрување потрошувачки кредити поради проценката на заемодавателите за зголемени ризици.
Побарувачката на компаниите за кредити малку се зголеми во трите месеци што завршија во декември. Банките, исто така, забележаа умерено зголемена побарувачка од граѓаните за станбени кредити, покажа истражувањето на ЕЦБ.
Половина од анкетираните банки изјавија дека нивната кредитна политика е под влијание на неизвесноста во трговската политика, главно посочувајќи ја намалената толеранција на ризик и послабата побарувачка што ќе влијае на кредитирањето и во 2026 година, според резултатите од анкетата.
Во првиот квартал, банките проценуваат дека малку ќе ги заострат кредитните стандарди за компаниите. Тие планираат малку да ги заострат стандардите за станбени кредити и поизразено за потрошувачките кредити.
Според нивната проценка, побарувачката за кредити треба да се зајакне во повеќето економски сектори, со исклучок на автомобилската индустрија, трговијата на големо и мало и сегментот на комерцијални недвижности.
Кредитирањето на бизниси и домаќинства се забрзува со години, но стапката на раст сè уште заостанува зад периодот пред пандемијата, сигнализирајќи отпорен, но континуиран скромен раст на економската активност, забележува Ројтерс.











