Повисок праг за ДДВ: Формула за економски развој и повисоки плати?

Потребно е подигнување на прагот ДДВ за микро и малите бизниси, бидејќи сегашниот праг од два милиони денари, односно 32.000 евра е значително понизок во споредба со земјите од регионот, што претставува кочница за микро и малите претпријатија. Во Србија, Хрватска и Словенија овој праг изнесува околу 60.000 евра, додека во Албанија е дури 80.000 евра. Со оглед на тоа што кај нас околу 99 отсто од компаниите се микро и мали, повисокиот праг ќе им овозможи поголем простор за развој без оптоварување со сложени административни процедури, како и зголемување на плати.

-Подигнувањето на прагот за ДДВ е економски оправдана мерка доколку целта е поттикнување на микро и малото претприемништво, особено во економија со ограничена акумулација и ниски маржи. Сегашниот праг создава значителен административен и финансиски притисок врз најмалите бизниси, кои често немаат капацитет да го апсорбираат ДДВ без да ја загрозат ликвидноста. Затоа, повисок праг може да придонесе за поголема формализација, стабилност и раст на малите деловни субјекти, изјави за „Локално“ економскиот аналитичар и универзитетски професор Абил Бауш.

Според него, иако номинално може да се појави краткорочно намалување на ДДВ-приходите, во среден рок ефектот врз јавните финансии не мора да биде негативен. Поголем број формални и одржливи бизниси значи поширока даночна база, повисоки приходи од персонален данок и социјални придонеси, како и намалување на стимулите за работа во сива економија. Во тој контекст, загубата од ДДВ може да се компензира преку други фискални канали.

Во изминатите години имаше најави и предлог-дискусии за подигнување на прагот на ДДВ од 2 на 3 милиони денари, како мерка за „намалување на административниот товар“, но тоа е различно од прашањето дали тоа е најпаметната даночна политика во овој момент.

-ДДВ е данок што, во суштина, паѓа на товар на крајниот потрошувач. Затоа, подигнувањето на прагот не создава „слободни пари“ кај бизнисите по дефиниција. Кај фирми што најмногу продаваат на физички лица, ефектот најчесто се претвора во ценовно позиционирање, а не автоматски во инвестиции, плати или продуктивност. Истовремено, секое поголемо изземање создава повеќе „сиви зони“ и повеќе простор за играње со прагот (делење активности на повеќе субјекти, веднаш под прагот, фактурирање со одложувања). Токму ова е добро документирано во меѓународната литература праговите создаваат силен поттик фирмите да останат под линијата и можат реално да го успорат растот околу прагот, наместо да го стимулираат., изјави за „Локално“, извршниот директор на ЗМАИ, Виктор Митевски.
Целиот текст на Локално.мк