
Пакистан мора да создаде до 30 милиони работни места во следната деценија за да го претвори своето младо население во економска добивка, предупреди денес претседателот на Светска банка, Аџај Банга, додавајќи дека во спротивно земјата ќе се соочи со нестабилност и масовна емиграција.
Банга во интервју за Ројтерс изјави дека демографската структура на Пакистан ја прави вработеноста клучна пречка за долгорочен раст, а не секундарна политичка цел, истакнувајќи дека тоа е „генерациски предизвик“.
Според Ројтерс, Пакистан влегува во фаза на спроведување на десетгодишниот Рамковен договор за партнерство со Светската банка, додека истовремено работи со Меѓународниот монетарен фонд за стабилизирање на економијата.
Рамковниот договор предвидува околу четири милијарди долари годишно преку комбинираното јавно и приватно финансирање на Светската банка, од кои половина треба да ги обезбеди приватниот сектор преку Меѓународната финансиска корпорација.











