
Холандскиот производител на пиво „Хајнекен“ во среда соопшти дека планира да намали до 6.000 работни места низ целиот свет и очекува побавен раст на профитот во 2026 година од претходно прогнозираното, поради слабата побарувачка и предизвиците во пивската индустрија. Отпуштањата ќе опфатат речиси седум проценти од вкупната глобална работна сила на компанијата, која моментално вработува околу 87.000 луѓе. Во исто време, „Хајнекен“ бара нов извршен директор по ненадејната оставка на Долф ван ден Бринк во јануари.
Компанијата, позната по брендовите Хајнекен, Тајгер и Амстел, се обидува да ја зголеми ефикасноста и да постигне поголем раст со помалку ресурси, за да одговори на незадоволството на инвеститорите кои сметаат дека заостанува во оптимизирањето на своето работење. Целиот сектор за пиво се соочува со пад на продажбата, делумно поради притисок врз буџетите на потрошувачите, но и поради неповолните временски услови. Конкурентите, вклучувајќи го и Карлсберг, преземаат слични мерки за штедење, додека многу производители на алкохол ги намалуваат трошоците, продаваат средства и го забавуваат производството, објавува Ројтерс.
Хајнекен очекува програмата за подобрување на продуктивноста да донесе значителни заштеди и да го намали бројот на вработени за помеѓу 5.000 и 6.000 во следните две години. Некои од отпуштањата ќе бидат концентрирани во Европа и на пазари со послаби перспективи за раст, додека некои намалувања ќе бидат резултат на претходно најавени промени во синџирот на снабдување, седиштето на компанијата и регионалните деловни единици. Финансискиот директор Харолд ван ден Брук изјави дека целта на овие мерки е да се зајакне бизнисот и да се создаде простор за нови инвестиции во раст.
Алкохолната индустрија се соочува и со долгорочни предизвици, вклучувајќи ги растечките здравствени предупредувања, конкуренцијата од алтернативни производи и новите фактори како што се лековите за слабеење, кои можат да ја намалат потрошувачката на алкохол. „Хајнекен“ сега очекува раст на профитот од два до шест проценти во 2026 година, што е намалување во однос на претходната прогноза за 2025 година од четири до осум проценти. „Карлсберг“ даде слична прогноза за следната година.
Фото Pixabay












