
Екстремните временски настани ги зголемуваат трошоците за задолжување, особено за земјите во развој, предупреди денес Европската централна банка (ЕЦБ).
Климатските промени сè повеќе влијаат врз јавните финансии и трошоците за задолжување, а природните катастрофи и транзицијата кон почиста економија можат да ги зголемат каматните стапки на државните обврзници, се забележува во анализата.
Кога земјите трошат повеќе за заштита од климатските промени или справување со катастрофи, јавните буџети се под притисок, што може да ги намали даночните приходи и да го зголеми долгот.
ЕЦБ спроведе истражување во 52 земји во текот на изминатите 20 години и се фокусираше на два вида ризик, транзициски и физички. Транзицискиот ризик се мери со емисиите на јаглерод диоксид, а физичкиот ризик вклучува долгорочни климатски промени и катастрофи.
Анализата на Европската централна банка покажува дека земјите со повисоки емисии на јаглерод диоксид плаќаат повисоки каматни стапки на десетгодишни обврзници, а овој ефект е уште посилен во земјите во развој.
Долгорочните промени на температурата (хроничен физички ризик) не влијаат значително врз каматните стапки, додека краткорочните катастрофи (поплави, бури, суши, пожари) можат привремено да ги зголемат трошоците за задолжување.
Примери како што се поплавите во Тајланд во 2011 година и во Пакистан во 2022 година покажуваат како катастрофите ги зголемуваат јавните расходи и ризикот од задолженост, но дури и развиените земји ги чувствуваат финансиските последици од екстремните временски настани.
Земјите со низок долг полесно можат да апсорбираат шокови, па затоа ефектот врз каматните стапки е пократок, додека земјите што веќе имаат висок долг доживуваат повисоки и поодржливи зголемувања на каматните стапки по катастрофите, според веб-страницата на ЕЦБ.
Студијата покажува дека ефектот од транзицискиот ризик се зголемува по Парискиот климатски договор, а инвеститорите сè повеќе ја препознаваат важноста на политиките за намалување на емисиите за проценка на ризикот од задолжување.












