Кажи нешто – натпревар за блогирање за средношколците

46

5e8349c8-9ff5-4525-875a-88c26310c924 Од денеска до 30 април 2014 година ќе трае натпреварот Кажи нешто, кој има за цел да ги поттикне младите во Македонија да ги употребуваат новите информатички технологии на практичен начин, односно креативно да се изразат преку видео, фотографија, музика или пишување.
Натпреварот, кој е овозможен од Фондацијата Е-Македонија и Здружението за едукација, комуникација и консалтинг ОХО, е наменет за средношколците од Македонија.
Заинтересираните средношколци можат да се регистрираат на веб страната www.kazinesto.org.mk која ќе служи и како блог агрегатор. На оваа страна можат да ги пронајдат и упатството за блогирање чиј креатор е Дарко Булдиоски.

Право на учество имаат сите ученици од 14 до 18 години од средните училишта во Македонија. Блог може да пријави ученик-поединец или тим до пет ученици. На натпреварот може да учествуваат и средношколци со веќе постоечки блогови, доколку се регистрираат.

Секое училиште може да пријави неограничен број на учесници кои ќе учествуваат во натпреварот преку создавање на написи или други изразни средства со кои ќе ги искажат своите идеи и ставови на зададените теми.

Учесниците ќе може да креират блогови на следните две теми и тоа Кажи ТЕХНОЛОГИЈА, која ги покрива подкатегориите на онлајн живот, хакеризам, мобилен интернет, мобилни апликации и темата Кажи СТИЛ со подкатегориите љубов, култура, спорт.

Најдобрите блогови ќе бидат оценети согласно утврдените критериуми од страна на стручно жири. Најдобрите три блога ќе бидат наградени по завршувањето на натпреварот, во мај 2014, кога ќе се одржи финален настан за прогласување на победниците.

„Идејата ни е да ги поттикнеме младите да се изразат креативно и да ги прошириме нивните видици за тоа што се може да се направи преку интернет. Ги повикувам средношколците масовно да земат учество и да се забавуваат“, изјави Радмила Јончевска, директор на фондацијата Е-Македонија.

„Нашата организација има долгогодишно искуство во креирањето на едукативни програми кои имаат за цел да ги анимираат учениците да ја изразат својата креативност и воедно да промовираат одредени општествени вредности. Нашата пракса е да создадеме простор или платформа во која учениците ќе можат самостојно да го изразат својот креативен потенцијал“, додаде Пеце Талески, извршен директор на ОХО.