Работата од дома во Германија стана стандард: Секој четврти вработен работи од далечина

Во февруари, 24,3 проценти од вработените во Германија работеле од дома барем дел од времето, што претставува само мала промена во споредба со претходните месеци.

Највисокото ниво на работа од дома е забележано за време на пандемијата, во март 2021 година, кога дури 32,3 проценти од вработените работеле од далечина. Спротивно на тоа, најниското ниво е забележано во август 2024 година, кога уделот падна на 23,4 проценти, но оттогаш повторно се стабилизира.

Работата од дома е најраспространета во услужниот сектор, каде што 34,9 проценти од работниците го користат овој модел на работа. ИТ секторот особено се издвојува, каде што дури 76,4 проценти од вработените работат од дома, како и консултантски фирми, каде што тој удел изнесува 67,6 проценти.

Во индустријата, работењето од дома е многу поретко и вклучува 15,4 проценти од вработените, каде што е најчеста во автомобилската индустрија со 24,2 проценти и кај производителите на опрема за обработка на податоци со 21,9 проценти. Како што е наведено, во трговскиот сектор овој удел е уште помал и изнесува 12,6 проценти, додека во малопродажбата е само 5,9 проценти, според веб-страницата на Ifo.

Најниско ниво на работа од дома е забележано во градежниот сектор, каде што само 4,5 проценти од вработените ја користат оваа опција, што ја одразува природата на работата што бара физичко присуство на градилиштата.

Истражувачот на Ifo, Жан-Виктор Алипур, процени дека поединечните компании што ја ограничуваат работата од дома не претставуваат поширок тренд.

Според него, работењето од дома стана стандарден дел од организацијата на работата во многу сектори и се очекува да остане трајна карактеристика на германската економија.