
Граѓаните во Македонија се соочуваат со поскапување на горивата, особено дизелот кој порасна за 15 денари по литар, а Владата засега не најавува мерки за ублажување на ударот врз буџетот. Премиерот Христијан Мицкоски смета дека горивата во земјата се сè уште најевтини во регионот и дека нема потреба од интервенции.
Експертите, пак, предупредуваат дека ваквиот пристап може дополнително да го зголеми притисокот врз домашните буџети. Според нив, растот на цената на горивата директно влијае врз цените на транспортот, а со тоа и врз цената на храната и другите основни производи. Тие посочуваат дека во повеќе земји од регионот владите интервенирале со намалување на акцизите, ограничување на маржите или привремени субвенции за да се ублажи инфлаторниот притисок.
Дел од економистите сметаат дека без конкретни мерки, постои ризик поскапувањата да се прелеат во поширока инфлација, што дополнително ќе ја намали куповната моќ.
-Не знам дали е до незнаењето или немањето волја, ама однесувањето на Владата досега е просто катастрофално. Одлуката да се поскапат горивата – дизелот дури за 15 денари – е неверојатна и ќе има огромни последици. Тоа е целосно спротивно од она што треба да се прави во вакви ситуации. Прво и основно што мора да се прави во вакви ситуации е да се замрзнат цените на храната и енергенсите. Мора да се се спречи тие да скокнат уште веднаш, зашто ако тоа се случи, ќе почне бранот на поскапувања кој потоа многу тешко ќе се запре. Дури и ако се намалат глобалните цени по некое време, домашните нема. Тоа го видовме убаво во 2022. Нафтата тогаш скокна на 120 долари по нападот на Украина, па потоа се намали на 70 долари по неколку месеци, ама домашните цени не само што не се намалија, туку продолжија да растат. Истото ќе се случи и сега, ако продолжи војната и ако Владата продолжи со ова однесување, изјави за „Локално“, Бранимир Јовановиќ економски аналитичар.
Поранешниот министер за финансии и економски експерт, Џевдет Хајредини е на сличен став дека државата треба да ги намали цените на горивата преку акцизата, ДДВ и други давачки и да ги покрие загубите на нафтените компании.
Целиот текст на Локално.мк











