
Од денеска, граѓаните имаат можност за директно патување од охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ до Братислава. Дополнително, од 29 март ќе биде воспоставена нова директна линија од истиот аеродром до Милано, соопшти вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николовски.
Во својата објава на Фејсбук, Николовски нагласува дека воведувањето на овие воздушни линии ќе донесе нови посетители во Охрид и ќе ги зголеми шансите за поттикнување на стопанството.
„Развојот на воздушниот сообраќај е еден од главните приоритети на Владата и Министерството за транспорт. Преку спроведување на конкретни политики и активности, посветено работиме на подобрување на цивилното воздухопловство, што овозможи значително проширување на опсегот на дестинации. Остануваме цврсто решени да го унапредуваме воздушниот транспорт со цел развој и поврзување на Македонија со големите центри“, истакна вицепремиерот Николовски.











