Евростат: Обновливите извори на енергија достигнаа 47,3% од производството во ЕУ

Минатата година, 47,3 проценти од произведената електрична енергија во Европската Унија доаѓаше од обновливи извори на енергија. Ова претставува мало зголемување во споредба со 2024 година, кога уделот изнесуваше 47,2 проценти.

Според Европската канцеларија за статистика – Евростат – ветерот беше примарен извор на обновлива електрична енергија во ЕУ, сочинувајќи 37,5 проценти од вкупната енергија. Сончевата енергија беше втора со 27,5 проценти, по што следуваа хидроенергијата со 25,9 проценти. Преостанатата обновлива електрична енергија доаѓаше од запаливи обновливи горива (8,5 проценти) и геотермални и други извори на енергија (0,5 проценти).

Во споредба со 2024 година, сончевата енергија беше најбрзорастечкиот извор, со зголемување од 24,6 проценти во 2025 година. Спротивно на тоа, производството на хидроенергија се намали за 11,8 проценти.

Меѓу земјите од ЕУ, најголемиот дел од електричната енергија од обновливи извори е произведена во Данска (92,4 проценти, главно ветер), Австрија (83,1 процент, главно хидроенергија) и Португалија (82,9 проценти, главно хидроенергија и ветер).

Спротивно на тоа, најмал дел е забележан во Малта (16,2 проценти), Чешка (16,6 проценти) и Словачка (17,8 проценти).