
Цените на дизелот во Европа го достигнаа највисокото ниво од 2022 година, при што фјучерсите за дизел се искачија на повеќе од 200 долари за барел, односно 1.498 долари за тон, со дневен скок од речиси десет проценти на Лондонската берза.
Како што објаснува Блумберг, скоковите на цените се должат на прекините во снабдувањето предизвикани од војната во Иран и затворањето на Ормускиот теснец, а од почетокот на војната на 28 февруари, цените речиси се дуплираа.
Затворањето на Ормутскиот теснец го наруши транспортот на милиони барели рафинирани деривати, вклучително и дизел, додека цените на суровата нафта во Лондон се зголемија за околу 50 проценти.
Некои рафинерии го намалија производството, а трговците ширум светот се обидуваат да обезбедат алтернативни залихи, честопати пренасочувајќи го товарот на рути подолги од 19.000 километри.
Дизелот, клучно гориво за транспорт и индустрија, игра централна улога во глобалната економија, па затоа неговата растечка цена го зголемува ризикот од инфлација.
Европа, која произведува помалку дизел отколку што троши, се потпира на увоз, а аналитичарите предупредуваат дека регионот би можел да се соочи со недостиг во наредните недели доколку ситуацијата не се стабилизира.
Цените растат и во други делови од светот – во Соединетите Американски Држави, дизелот надмина четири долари за галон, додека во Азија привремено ја надмина границата од 200 долари за барел.
Глобалните пазари беа дополнително потресени откако американскиот претседател Доналд Трамп објави продолжување на воената кампања против Иран, што ја зголеми неизвесноста во енергетскиот сектор.
Европските земји се обидуваат да ги ублажат ефектите од енергетската криза со зголемување на употребата на обновливи извори на енергија, како што се сончевата и ветерната енергија, за да ја намалат зависноста од фосилните горива.
Во исто време, прекините во синџирите на снабдување ги поттикнуваат земјите да ги преиспитаат стратегиите за енергетска безбедност, додека дипломатските напори за решавање на кризата и повторно отворање на Ормутскиот теснец досега не дадоа конкретни резултати.












