
Земјите членки на Европската Унија годишно доделуваат над еден милион државјанства, а најголем дел од нив се концентрирани во неколку водечки држави. Според податоците на Евростат, најмногу нови државјанства издаваат Шпанија, Италија, Германија и Франција, кои заедно сочинуваат повеќе од половина од вкупниот број во Унијата.
Сепак, фактот што овие земји издаваат најмногу пасоши не значи дека таму најлесно се доаѓа до државјанство. Бројките најчесто се резултат на големи мигрантски заедници и долгогодишен престој на странци.
Кога станува збор за условите, како една од најдостапните земји за добивање државјанство се издвојува Португалија, каде што е потребен релативно краток период на престој од околу пет години, со јасно дефинирани правила. Слични услови нудат и Франција и Германија, кои во последниве години ги олеснуваат процедурите за странци.
Од друга страна, најбрз пат до европски пасош нуди Малта, која овозможува добивање државјанство за една до три години преку инвестиции, но оваа опција е достапна само за лица со значителни финансиски средства.
Посебна категорија се земјите што дозволуваат добивање државјанство врз основа на потекло. Така, Италија, Ирска и Полска нудат можност за пасош доколку апликантот може да докаже семејни корени, што во одредени случаи значително ја поедноставува постапката.
И покрај разликите меѓу земјите, за добивање европско државјанство најчесто се бара легален престој, познавање на јазикот и интеграција во општеството. Експертите посочуваат дека интересот за европски пасош останува висок, особено поради можностите за слободно движење, работа и образование низ целата Европска Унија.












