Франција го врати златото дома: Централната банка ги повлече резервите од САД и профитираше милијарди

Централната банка на Франција (Banque de France) минатата недела објави дека остварила капитална добивка од 12,8 милијарди евра откако пласирала 129 тони злато, или близу пет проценти од вкупните француски резерви, помеѓу јули 2025 и јануари 2026 година.

Тоа злато беше последното од француските резерви што беа во Њујорк. Беше заменето со еквивалентна количина купена во Европа и сместена во Париз.

BdF постепено го заменува постарото, нестандардно злато со златни прачки што ги исполнуваат современите меѓународни стандарди од 2005 година. Поголемиот дел од своите златни резерви ги премести од Федералните резерви на САД и Банката на Англија помеѓу 1963 и 1966 година.

Наместо да го рафинира и транспортира златото што остана во САД, банката одлучи да го продаде и да купи ново, хармонизирано злато на европскиот пазар.

Преку 26 трансакции, BdF оствари значителен профит, искористувајќи ги рекордно високите цени на златото во тој период.

Вкупните златни резерви на Франција од околу 2.437 тони, четврти по големина во светот, сега се сите во Париз. Ова вклучува 134 тони постари прачки и монети, кои банката има намера да ги доведе до стандард до 2028 година.

Во Германија, која ги поседува вторите најголеми резерви на злато во светот, некои економисти ја повикаа владата да го повлече златото од САД, наведувајќи загриженост поради непредвидливите политики под претседателот Доналд Трамп.

Бундесбанк држи близу 1.236 тони злато во САД, или околу 37 проценти од вкупните резерви.

„Трамп е непредвидлив и прави сè за да генерира приходи. Затоа нашето злато повеќе не е безбедно во трезорите на Федералните резерви“, рече Михаел Јегер, претседател на Германското здружение на даночни обврзници и Европското здружение на даночни обврзници.

Гувернерот на BdF, Франсоа Вилерој де Галау, нагласи дека одлуката за преместување на француското злато од САД не е политички мотивирана.

Народната банка на Република Северна Македонија, во состав на девизните резерви, располага со околу 6,9 тони монетарно злато. Златото се чува во Трезорот на Банката на Англија во алоцирана (асигнирана) форма и го сочинуваат маркирани златни прачки коишто во целост ги исполнуваат стандардите на пазарот на злато во Лондон (London Good Delivery Standard − прачки со содржина на злато од најмалку 99,5% или тежина од околу 400 фини унци, односно околу 12 кг).