Откриено ново наоѓалиште на гас во близина на брегот на Египет

Италијанската енергетска компанија „Ени“ објави дека открила ново поле за гас и кондензат во Средоземното Море, крајбрежјето на Египет.

Прелиминарните проценки покажуваат дека на таа локација има околу 57 милијарди кубни метри гас, како и околу 130 милиони барели кондензат, објавува Ројтерс.

Откритието доаѓа во време кога домашното производство на гас во Египет се намалува во последните години, додека земјата, исто така, ги трпи последиците од војната со Иран, особено во енергетскиот сектор, бидејќи во голема мера се потпира на увоз на гориво.

Локацијата се наоѓа на околу 70 километри од брегот, на релативно мала длабочина од морето и многу блиску до постојната инфраструктура, што овозможува побрз и поефикасен развој на проектот.