
Индексите на најважните берзи во Европа малку пораснаа, бидејќи растечкиот оптимизам во врска со потенцијалното решавање на конфликтот на Блискиот Исток го зголеми расположението на пазарите, додека инвеститорите ги оценуваа извештаите за корпоративните приходи низ целиот регион.
Паневропскиот индекс STOXX 600 порасна за 0,17 проценти на 618,34 до 9:30 часот наутро и е на добар пат да ги надомести сите загуби што ги претрпе откако избувна конфликтот. Во исто време, франкфуртскиот DAX порасна за 0,03 проценти, на 24.075 поени, лондонскиот FTSE за 0,14 проценти, на 10.574 поени, а парискиот CAC за 0,13 проценти, на 8.285 поени.
Сезоната на објавување на корпоративните заработки е во полн ек во Европа, обезбедувајќи им на инвеститорите клучни сознанија за работењето на компаниите во услови на постојани геополитички неизвесности. Технолошкиот сектор го предводеше патот со зголемување на цените на акциите во просек од 1,3 проценти поради оптимизмот откако „Тајван полупроводнички мануфактуринг компани“ (TSMC) објави скок од 58 проценти во нето добивката во првиот квартал на 18,2 милијарди долари. Најголемиот светски производител на чипови, исто така, објави дека светот е во средината на мегатренд на вештачката интелигенција и дека неговите инвестиции оваа година ќе бидат на горната граница од претходно објавените насоки за раст на инвестициите од 37 проценти, помеѓу 52 и 56 милијарди долари.
Од друга страна, најголема загуба забележа секторот за акции за патувања и одмори, за еден процент. Меѓу поединечните акции, цената на акциите на „Бари Калебо“ нагло падна, за 8,2 проценти, откако швајцарскиот производител на чоколадо соопшти дека продал помалку од своите производи од какао во првата половина од финансиската година, наведувајќи слаба побарувачка и прекумерен капацитет на пазарот.












