Норвешка го наплати нафтениот шок: Рекордни приходи од извоз по затворањето на Ормутскиот теснец

Во март, извозот на нафта од Норвешка силно скокна на годишно ниво и донесе големо зголемување на приходите откако војната на Блискиот Исток и затворањето на Ормутскиот теснец предизвикаа драматично зголемување на цените на нафтата. Норвешка е најголемиот европски производител на нафта и гас, со исклучок на Русија.

„Затворањето на Ормутскиот теснец предизвика значителен шок на страната на понудата на нафта, а поради зголемувањето на цените, Норвешка постигна највисока месечна вредност на извозот на нафта воопшто“, рече аналитичарот Јан Олав Рорхус.

Според податоците од Норвешкиот статистички институт, извозот на сурова нафта во март вредел 57,4 милијарди круни, што е 5,16 милијарди евра. Ова е раст од 67,9 проценти во споредба со истиот месец минатата година.

Цената на нафтата во просек изнесуваше 1.014 круни за барел, што е еднакво на 91,14 евра или 107,52 долари. Ова е највисокото месечно ниво на цени од септември 2023 година.

Како што забележа Euronews, норвешкиот извоз не остана незабележан дури ни од американскиот претседател Доналд Трамп, кој го критикуваше Обединетото Кралство на платформата Truth Social за тоа што не се вклучи во експлоатацијата на нафтените резерви во Северното Море.

„Европа очајно има потреба од енергија, а Велика Британија одбива да ја активира нафтата од Северното Море, која е едно од најголемите нафтени полиња во светот. Трагично! Абердин треба да врие од активност. Норвешка продава нафта од Северното Море на Велика Британија по двојно повисока цена. Тие заработуваат богатство“, напиша Трамп.

Норвешка ги инвестира приходите од гас и нафта во најголемиот државен инвестициски фонд во светот, чии средства вредат 1,86 трилиони евра.

Тој фонд е основан на почетокот на 1990-тите, а идејата е да се искористи за финансирање на норвешкиот концепт за социјална држава во иднина, со оглед на тоа што приходите од нафта и гас би можеле да се намалат на долг рок.

Во меѓувреме, Европската комисија ги повика владите на земјите-членки на Европската Унија (ЕУ) да не го ограничуваат или забрануваат извозот на нафта и гориво преку внатрешните граници на ЕУ, што се појави како закана поради тешкото снабдување со сурова нафта на европските рафинерии. Перспективата рафинериите да останат без суровина доведе до тоа некои земји, како што се Унгарија и Словачка, да воведат ограничувања на извозот.

Од Брисел рекоа дека треба да се воздржат од вакви потези бидејќи создаваат нарушувања на единствениот пазар.

На почетокот на март, Унгарија го забрани извозот на нафта, а Словачка воведе повисоки цени на горивото за автомобили со странски регистарски таблички, што веднаш предизвика осуда од Европската комисија.