
Хрватските власти воведуваат значајни промени за странските работници преку нов Правилник за престој. Со цел да се заштитат правата на над 100.000 странци, меѓу кои македонските државјани се меѓу најбројните, Загреб поставува строги стандарди за квалитетот на сместувањето, ги ограничува трошоците за кирија и воведува задолжителни здравствени контроли.
Македонските државјани, кои се меѓу најбројните странски работници во Хрватска, ќе бидат опфатени со нов Правилник за престој што воведува построги услови за сместување, задолжителни здравствени контроли и ограничување на трошоците за кирија.
Во понеделник, државниот секретар во МУП, Ирена Петриевчанин, го презентираше новиот Правилник за престој на државјани на трети земји во Хрватска, кој попрецизно ги регулира условите за престој и обврските на работодавачите кон странските работници.
– Обврските се особено поврзани со соодветното сместување, каде што се покажа дека е потребна најголема интервенција, како и со областа на здравствената заштита, односно јавното здравје и епидемиолошката контрола – објасни државниот секретар. Таа додаде дека правилникот ги пополнува празнините што претходната законска рамка не ги разработуваше доволно детално.
Според податоците од хрватското Министерство за внатрешни работи, во 2026 година најмногу работни дозволи добиле државјани на Босна и Херцеговина, по што следуваат работници од Филипините, Непал, Србија и Македонија.
Новите правила ќе стапат во сила осум дена по објавувањето во службениот весник и имаат за цел да спречат злоупотреба и да обезбедат подобри услови за над 105.000 странски работници.
Со Правилникот се утврдуваат минимални стандарди за престој. Работодавачите мора да обезбедат најмалку 14 квадратни метри по работник, а за секое дополнително лице просторот треба да се зголеми за уште шест квадрати. Во куќи е дозволено сместување до десет лица на 150 квадратни метри, додека во станови од 56 квадрати максимум осум лица.
Исто така, сместувањето мора да има исправни електрични и водоводни инсталации, соодветен санитарен јазол и одвоени простории за спиење и подготовка на храна.
Доколку работодавачот обезбедува сместување, киријата не смее да надминува 30 проценти од нето-платата. Одбивање од плата е дозволено само со валиден договор или писмена согласност од сопственикот на имотот.
Со нов образец, работодавачите под целосна одговорност гарантираат за точноста на податоците за сместувањето.
Странските работници ќе мора да приложат доказ за здравствен преглед, вакцинација и општа здравствена состојба уште при аплицирањето за дозвола за престој и работа. Прегледите ќе се вршат во институции како Хрватски завод за јавно здравство.
Целта е да се намалат здравствените ризици и да се подобри јавната безбедност.
Новите правила доаѓаат по засилените инспекциски контроли при кои биле утврдени повеќе од 10.000 неправилности, најчесто во секторите угостителство и градежништво.
Во моментов, најголем број странски работници во Хрватска се ангажирани токму во овие дејности, како и во туризмот, каде побарувачката за работна сила постојано расте.











