Дали е време за построга контрола на становите кои се издаваат „на ден“?

Трендот на издавање станови на краток престој, кој во последниве години е сè поприсутен во Скопје, го отвора прашањето дали оваа пракса ќе продолжи со ист интензитет или ќе биде ставена под построга контрола. Во повеќе европски земји веќе се воведени ограничувања за краткорочните изнајмувања, со цел да се заштити станбениот простор и да се намалат негативните ефекти врз локалните заедници. Паралелно со тоа, и Управата за јавни приходи ги даночи физичките лица кои издаваат станови, викендички и апартмани на краток престој преку овие платформи, со што се прави обид за воведување поголем ред во оваа област.

Познавачите на состојбите на пазарот сметаат дека е неопходно воведување појасни правила и контрола врз овој тип изнајмување. Според нив, доколку не се воспостави систем на регулација, покрај економските последици, штета ќе трпат и станарите кои живеат во зградите каде што се издаваат станови на ден – поради зголемена фрекфенција на луѓе, бучава и нарушување на мирот во станбените објекти.

-Во пракса, често се случува сопственикот да го издава станот на агенции за недвижности, кои потоа го пласираат на краткорочно изнајмување преку платформи како Airbnb и Booking. На тој начин, агенциите остваруваат значително повисока заработка, додека на сопственикот му исплаќаат фиксна месечна закупнина. Поголем дел од сопствениците сами ги издаваат становите за краток престој и ги купуваат токму поради ваквата можност да заработат повеќе, изјави за „Локално“, Никола Велковски, градежен експерт и познавач на пазарот на недвижности.

Тој објаснува дека во вакви ситуации сопственикот често е во неповолна позиција, бидејќи не учествува во секојдневното управување со имотот, отворање и затворање на станот, како и организација на чистење и одржување по секој гостин.

Според него, најголем проблем претставува недостигот на контрола околу тоа кој влегува и излегува од становите.

-Кога нема јасен увид кој престојува во станот, се создава чувство на несигурност кај останатите станари. Тоа може да претставува ризик и за безбедноста и за мирот во зградата, додава Велковски.

И од агенциите за надвижности велат дека поголем дел од сопствениците на станови веќе не сакаат да ги издаваат становите за краток престој.

-Краткорочното издавање станови во Скопје во изминатите години значително порасна, главно поради зголемениот број туристи и лесниот пристап до платформите за резервации. Тоа за дел од сопствениците претставува дополнителен приход, па затоа интересот за ваков тип изнајмување е сè уште висок. Сепак, во последниот период се забележува и зголемена потреба од регулирање на овој пазар. Сè почесто има реакции од станарите во зградите каде што се издаваат станови на ден, најмногу поради бучава, вели за „Локално“, Александар – сопственик на една агенција за недвижности.

Тој додава дека, решението не е во забрана, туку во јасна регулатива – регистрација на ваквите станови, плаќање соодветни даноци и правила кои ќе обезбедат баланс меѓу интересите на сопствениците и квалитетот на живеење на станарите.