
На Волстрит, цените на акциите повторно паднаа во вторник, втор ден по ред, бидејќи сè уште нема договор меѓу САД и Иран за продолжување на мировните преговори.
Индексот Dow Jones изгуби 0,59 проценти, на 49.149 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,63 проценти, на 7.064 поени, а Nasdaq за 0,59 проценти, на 24.259 поени. На самиот почеток од вчерашното тргување, индексите пораснаа, благодарение на пораката од иранските власти дека ја разгледуваат можноста за продолжување на преговорите со САД во Пакистан.
Но подоцна, иранските претставници изјавија дека преговорите можат да продолжат само ако Вашингтон ги прекине заканите и притисоците. Покрај тоа, Иран не сака преговори насочени кон негово предавање. Поради сето ова, потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, кој е задолжен за преговорите, сè уште не отпатувал во Пакистан.
Бидејќи втората рунда преговори не се одржа во договореното двонеделно примирје, вчера американскиот претседател Доналд Трамп објави продолжување на примирјето со цел да му даде на Техеран повеќе време да ги презентира своите предлози. И додека кризата на Блискиот Исток ги држи инвеститорите на штрек, пазарот е поддржан од подобри од очекуваните квартални деловни резултати на компаниите и банките.
Од компаниите и банките од индексот S&P 500, кои досега објавија извештаи, околу 87 проценти од нив постигнале подобри резултати отколку што очекуваа аналитичарите.
Затоа, сега се проценува дека заработката на компаниите од составот на индексот S&P 500 во првиот квартал се зголемила во просек за околу 14 проценти во споредба со истиот период минатата година. Податоците што покажуваат дека американската економија продолжува да расте стабилно, исто така, имаа позитивен ефект врз пазарот. Потрошувачката на мало се зголеми за силни 1,7 проценти во март, повеќе отколку што очекуваа аналитичарите.











