
Претседателот на авиокомпанијата „Емирејтс“, Тим Кларк, ја објави можноста за воведување приватни бањи во луксузните апартмани на летовите од прва класа.
„Работиме на воведување бањи во апартманите од прва класа. Сакам сите да го слушнат ова, за да побрзаат сите да видат како можат да инсталираат бањи во апартманите од прва класа“, рече тој на Самитот на лидери на авиокомпании „Капа 2026“ во Берлин минатата недела.
Патниците од прва класа на „Ербас А380“ ќе можат да користат два туша, салон и бар во авионот, да имаат пристап до луксузни производи, додека на летовите на „Боинг 777“ ќе биде малку поприватно со индивидуални помали целосно затворени кабини, кои се како соби со поголема понуда, без пристап до туш.
Иако во моментов ниедна компанија не нуди сопствена бања за секој патник, од 2014 година „Етихад ервејс“ нуди апартман за престој со дневна соба и спална соба, како и бања на одбрани летови на „Ербас А380“, а „Сингапур ерлајнс“ нуди сличен луксуз со можност за спојување на неколку апартмани.
Покрај подобрувањата и иновациите за патниците од прва класа, компаниите работат и на иновации за патниците од економска класа.
„Ер Њу Зеланд“ воведе кревети на спрат за екстремно долги летови по цена од 100 долари на час, додека „Јунајтед ерлајнс“ подготви концепт наречен „Релаксирачки ред“ што им овозможува на патниците да претворат ред од три седишта во целосно спуштена постела, комплетно со подлога за душек, премиум ќебиња и дополнителни перници.











