
Македонските компании имаат највисоки придонесите за здравствено и социјално осигурување во регионот кој изнесуваат околу 30 отсто. Овие давачки значително го зголемуваат трошокот за труд и директно влијаат врз конкурентноста на домашниот бизнис сектор. Според актуелните податоци, товарот врз работодавачите останува висок, што повторно ја отвора дебатата за можни реформи во системот на придонеси и нивното влијание врз економската активност и вработувањето.
Според економските експерти, значаен дел од финансирањето на пензискиот и здравствениот систем во земјава се потпира на придонесите од платите. Тоа значи дека, наместо пошироко финансирање преку општи даноци, товарот е главно концентриран врз формалното вработување, што директно ги зголемува трошоците за труд за работодавачите. Од друга страна, системот со години се соочува со сериозни демографски притисоци — стареење на населението и релативно ниска стапка на вработеност. Како резултат на тоа, помал број активни работници финансираат сè поголем број пензионери, што ја ограничува можноста за намалување на придонесите. Дополнително, придонесите претставуваат стабилен извор на приходи за државата, бидејќи се потешко се избегнуваат во споредба со другите даноци. Ова дополнително ја намалува флексибилноста за нивно намалување без директно влијание врз буџетската стабилност и фондовите за социјално осигурување.
-Во претходниот период имаше и намалување на придонесите за пензиско и здравствено осигурување, со цел стимулирање на нови вработувања и намалување на давачките за компаниите. Тоа беше дел од првите пакети мерки за поддршка на бизнис-секторот по ковид-кризата. Паралелно со тоа, постоеја и стимулативни мерки за компаниите во технолошко-индустриските развојни зони, преку ослободување од плаќање придонеси за вработените. Сепак, бидејќи овие придонеси се покриваат од државниот буџет, нивното намалување создава дополнителен притисок врз пензискиот систем, поради што е неопходен поширок и одржлив социјален дијалог за изнаоѓање балансирано решение, смета економскиот експерт и поранешен министер за финансии Кирил Миноски.
Целиот текст на Локално.мк











