
На европските берзи, цените на акциите пораснаа во вторник наутро, надоместувајќи дел од загубите од претходниот ден, додека инвеститорите останаа претпазливи откако САД и Иран започнаа нови напади едни врз други во водите на Заливот, а цените на нафтата, иако малку пониски од претходниот ден, сепак беа далеку над 100 долари за барел.
Паневропскиот индекс STOXX 600 порасна за 0,47 проценти околу 9:45 часот наутро, закрепнувајќи се од вчерашниот остар пад. Во исто време, Франкфуртскиот DAX е во пораст за 0,86 проценти, на 24.198 поени, а парискиот CAC е во пораст за 0,8 проценти, на 8.040 поени. Индексите на тој начин ги надоместуваат вчерашните загуби, кои беа значително повисоки од еден процент.
Лондонскиот индекс FTSE, сепак, е во пад од 0,84 проценти, на 10.277 поени, на првиот работен ден од оваа недела, откако Лондонската берза беше затворена вчера поради празникот.
Ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток следеше по обидот на американскиот претседател Доналд Трамп да дозволи премин на бродови низ Ормутскиот теснец, кој го поврзува Заливот со пошироките пазари и низ кој минуваат нафтата и гасот, кои покриваат околу 20 проценти од глобалната побарувачка секој ден, и покрај иранската блокада.
Скапата нафта е оптоварувачка за енергетски зависната Европа, поттикнувајќи стравувања од инфлација што доведоа до очекувања дека Европската централна банка ќе ги зголеми каматните стапки два до три пати оваа година. Сето ова ги држи цените на акциите под нивоата пред војната на Блискиот Исток.
Во меѓувреме, инвеститорите се фокусираа и на корпоративните приходи. Акциите на италијанската „Уникредит“ пораснаа за повеќе од три проценти откако објави рекордна добивка од 3,2 милијарди евра во првиот квартал, што е за 16,1 процент повеќе во однос на претходната година. Банката, исто така, ја зголеми својата проценка за заработката за оваа година на најмалку 11 милијарди евра.
Цената на акциите на „Анхојзер-Буш ИнБев“ порасна за 6,3 проценти откако белгиската пиварница објави силна квартална продажба и профит далеку над прогнозите.











