Топ 5 најтргувани акции на Берзата: Банките и Алкалоид доминираат на македонскиот пазар на капитал

Банкарскиот сектор ја потврди својата доминација на македонскиот пазар на капитал во април 2026 година, заземајќи три од петте позиции меѓу најтргуваните хартии од вредност на Македонската берза. Според Месечниот билтен на Берзата, Комерцијална банка останува убедлив лидер со промет од над 2,3 милиони евра, проследена од фармацевтскиот гигант Алкалоид.

Три од петте најтргувани акции на официјалниот пазар на Македонската берза во април доаѓаат од банкарскиот сектор. Комерцијална банка е на врвот на листата, а по неа од банкарскиот сектор следат акциите на НЛБ Банка Скопје и Стопанска банка Скопје. На листата во топ петте најтргувани акции се најдоа и Алкалоид и Македонски Телеком.

 

Со акциите на Комерцијална Банка направени се 594 трансакции, со просечна цена од 27.765,57 денари и промет од 2.391.540 евра.
По нив со 312 трансакции со просечна цена од 25.471,44 денари и промет од 1.310.827 евра следат акциите на Алкалоид Скопје, а зад нив со 101 трансакции со просечна цена од 57.085,87 денари и промет од 415.456 евра се акциите на НЛБ Банка Скопје.

Во првите топ пет најтргувани акции се најдоа и акциите на Стопанска Банка Скопје со 110 трансакции со просечна цена 2.425,58 денари и промет од 277.450 евра и  Македонски Телеком Скопје со остварени 116 трансакции со просечна цена од 500,08 денари и промет од 260.996 евра.