Златото руши рекорди – Европските берзи во „зелено“

Европските берзански индекси се претежно во позитива втор ден по ред, нафтата од типот Брент се продава за околу 106 долари за барел, додека вниманието на пазарот е насочено кон дводневниот самит во Пекинг меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг, каде што се очекуваат разговори за Тајван, Иран и развојот на вештачката интелигенција.

По првата билатерална средба со кинескиот лидер, Трамп изјави дека односите меѓу Соединетите Американски Држави и Кина ќе бидат „подобри од кога било досега“.

Во американската делегација се и директорот на компанијата „Тесла“ Илон Маск, како и првиот човек на највредната компанија во светот „Нвидија“  Јенсен Хванг.

Политичката неизвесност во Велика Британија продолжува да биде главна тема, бидејќи премиерот Кир Стармер се соочува со растечки притисок од рамките на Лабуристичката партија.

Британските медиуми објавија дека министерот за здравство Вес Стритинг би можел да започне кандидатура за лидер на партијата, што дополнително ја зголемува неизвесноста, а со тоа и цената на владиното задолжување преку обврзници, објавува CNBC.

Според податоците на берзата во 9:30 часот наутро, цената на суровата нафта малку се зголеми за 0,11 проценти на 101,154 долари, а на нафтата Брент за 0,32 проценти на 105,963 долари.

Европските фјучерси за гас за јуни беа продадени денес на отворањето на берзата во Амстердам TTF по цена од 46.470 евра за мегават-час.

Индексот DAX на Франкфуртската берза порасна за 1,23 проценти на 24.398,22 поени, францускиот CAC 40 за 0,48 проценти на 8.045,72 поени, FTSE 100 за 0,06 проценти на 10.331,75 поени, додека московскиот MOEX падна за 0,31 проценти на 2.686,46 поени.

Вредноста на еврото во однос на доларот на Форекс берзата денес е 1,17143 долари.

Цената на златото се искачи на 4.712,99 долари за тројанска унца, а цената на пченицата на 6,7854 долари за бушел (еден бушел е еднаков на 27,216 кг).