
Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) од 10-ти до 20-ти мај врши инспекции во сите синџири на малопродажни објекти. Доколку се утврди дека има зголемување на профитните маржи, ќе бидат преземени соодветни мерки, информираше денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
Според зборовите на министерот, на терен се ангажирани 30 тимови. Неофицијално, од податоците прибрани во првите четири дена од почетокот на контроли, забележано е одредено намалување на цените на овошјето и зеленчукот.
“Засега немаме основа за интервенција во однос на цените на прехранбените производи. Ситуацијата се следи и доколку се процени дека е потребно, ќе се преземат дејства”, наведе министерот. Една од можните мерки би можела да биде намалување на данокот на додадена вредност (ДДВ) за прехранбените производи.
Дурмиши нагласи дека ограничување на цените се применува само кога ќе се констатира дека трговците ги зголемиле своите маржи. Минатиот месец, според него, имаше пораст на цените на основните продукти, но трговците истовремено ги намалиле своите маржи за околу еден процент.
“Немаме основа за постапување. Ќе ја анализираме ситуацијата до крајот на овој месец. Можно е да го намалиме ДДВ за прехранбените производи. Како што реагиравме во доменот на горивата, така може да постапиме и во овој сегмент”, истакна министерот.
Контролите се насочени кон маржите кои ги применуваат производителите, трговците и дистрибутерите. “Ако увидиме дека во услови на криза и несигурност, тие се однесуваат недозволиво и ги зголемуваат маржите, ќе интервенираме со соодветни мерки, како што постапивме и минатиот пат, со административните мерки што ни стојат на располагање”, објасни министерот, додавајќи дека ДПИ на 20-ти мај ќе ја достави собраната информација до Министерството.
Тој потенцира дека Министерството континуирано ја следи состојбата и ќе продолжи со имплементација на мерки за стабилизирање на цените и заштита на животниот стандард на граѓаните. Македонија, како што додаде, е зависна од увоз, особено во делот на храната, што значи дека цените ги одредуваат земјите од кои увезуваме.
“Цената на увезените прехранбени производи не ја одредуваме ние, ниту нашите трговци, туку тие земји. Ние проверуваме дали е зголемена маржата. Имаме можност, во рамките на законските одредби, да постапуваме со расположливите механизми доколку дојде до пораст на маржата кај производителите, трговците и дистрибутерите”, подвлече Дурмиши, потсетувајќи дека досега се изречени и казни.











