
На Украина ѝ се заканува економска криза кога Европската Унија ќе ја преполови квотата за увоз на челик, велат во Киев и додаваат дека овие мерки ќе ги чинат една милијарда евра годишно.
Брисел неодамна објави дека, почнувајќи од 1 јули, ќе го намали увозот на челик за 47 проценти и ќе воведе царина од 50 проценти за остатокот од увозот. Франција, Шпанија и Полска побараа воведување на оваа мерка како одговор на прекумерното производство во Кина, поради што ЕУ веќе затвори голем број фабрики и изгуби десетици илјади работни места, според „Фајненшл тајмс“.
„Ова ќе ја уништи секоја можност украинските компании да снабдуваат на пазарот на ЕУ“, рече Александар Водовиц од компанијата Метинест, одговорна за повеќе од половина од извозот на челик на Украина во ЕУ.
За да се усогласи со правилата на Светската трговска организација, ЕУ мора да ја примени квотата за сите трговски партнери, вклучително и Украина, и покрај договорот за слободен проток на стоки.
На разговорите во Женева минатиот месец, Европската комисија предложи Украина да извезува до 713.000 тони без царина, изјавија неименуваните претставници. Минатата година, украинскиот извоз во ЕУ изнесуваше 2,65 милиони тони.
Украинските претставници велат дека ова намалување од практично 70 проценти може да ги чини една милијарда евра изгубени приходи и претставува кршење на договорот за трговија без царина.
Комисијата одговори дека Брисел „ќе ја земе предвид тешката ситуација во Украина“ и дека ќе му понуди на Киев „специјална квота што ќе гарантира продолжување на извозот, иако во помала мера отколку во претходните години“.
Во меѓувреме, Водовиц се жали дека Украина нема алтернативен купувач, пишува RT Balkan.
„Ги разгледуваме некои други пазари, но има Руси, Турци, нивната електрична енергија е десет пати поевтина и не ги бомбардираат секој ден… Не гледаме можност да се натпреваруваме со нив на тој пазар. Нашиот пазар отсекогаш била Европа“, рече тој.











