
Американскиот претседател Доналд Трамп ризикува да предизвика финансиска криза, предупреди Европската централна банка (ЕЦБ), наведувајќи ја војната со Иран, постојаното менување на трговската политика и повлекувањето од меѓународните форми на соработка како причини.
Во публикација што се занимава со финансиската стабилност и се објавува двапати годишно, ЕЦБ истакнува дека постои растечки ризик геополитичките случувања да предизвикаат финансиска криза поради сомнежи за одржливоста на високите нивоа на државна задолженост и надуените цени на недвижностите.
Потпретседателот на ЕЦБ во заминување, Луис де Гиндос, кој од 1 јуни е заменет од Борис Вујчиќ, напиша дека конфликтот на Блискиот Исток ја става отпорноста на финансискиот систем на сериозен тест.
„Иако целокупниот ефект од војната е нејасен, последиците за глобалната економија и финансиската стабилност стануваат сè посериозни со текот на времето“, смета Де Гиндос.
Но, не станува збор само за војна. ЕЦБ ја обвинува нестабилноста во трговската политика на САД и повлекувањето на Вашингтон од својата традиционална глобална лидерска улога за зголемување на заканите за финансискиот систем.
„Неизвесноста околу посветеноста на САД на меѓународната соработка го зголемува ризикот од геоекономска и регулаторна фрагментација на глобално ниво“, според експертите на ЕЦБ.
Тие додаваат дека најавите за царини, суспензиите и повлекувањето или поништувањето на одлуките станаа структурна карактеристика на глобалната трговска средина.
Понатаму, ЕЦБ изрази загриженост за заканите од сајбер напади, како и од други форми на хибридно војување.
„Ваквите закани само ги зголемуваат вкупните ризици, особено ако се насочени кон критична инфраструктура. Новите модели на вештачка интелигенција ја зголемуваат опасноста од сајбер напади што можат да предизвикаат сериозни и широко распространети нарушувања“, се вели во публикацијата.
Според „Фајненшл тајмс“, ЕЦБ организираше состанок со големите европски банки оваа недела за да разговара за системските оперативни ранливости откриени од моделите на вештачка интелигенција како што е „ Claude Mythos Preview “ на „Антропик“. За разлика од американските банки, европските банки немаат пристап до неа.
„Банките мора да инвестираат многу повеќе во сајбер безбедноста, и тоа не само големите. Помалите банки исто така можат да сносат системски ризик“, рече Де Гиндос.
ЕЦБ е исто така загрижена за фактот дека сè повеќе кредитирање се движи од традиционалното банкарство кон многу понејасни сфери како што е приватното кредитирање, и предупредува дека постои растечка веројатност дека сè повеќе должници ќе се најдат во проблеми со сервисирање на долгот ако геополитичките тензии продолжат да ги зголемуваат трошоците за позајмување.
„Постојаните прекини во снабдувањето со енергија и послабиот раст можат да поттикнат преиспитување на ризиците на поединечните земји од страна на пазарот, а растечкото присуство во еврозоната на инвеститори чувствителни на движењата на цените, како што се хеџ фондовите, може само дополнително да стимулира промена во проценката на цената на ризикот“, изјави ЕЦБ.
Во Франкфурт, тие заклучуваат дека пазарите можеби сметаат на премногу благи последици од конфликтот на Блискиот Исток и дека еден вид опуштеност од страна на инвеститорите на крајот може да предизвика несакани промени на пазарот.










