
Денес европските индекси се претежно во мал плус, а цените на нафтата се во мал пад, додека инвеститорите очекуваат договор меѓу Соединетите Американски Држави и Иран, со кој би се продолжило примирјето за уште два месеци. Според податоците на берзата во 9:30 часот наутро, цената на суровата нафта падна за 0,72 проценти на 88,273 долари, а нафтата од типот Брент падна за 0,65 проценти на 92,108 долари.
Претставник на Белата куќа потврди извештај на порталот „Аксиос“, според кој официјален Вашингтон и Техеран „генерално постигнале договор“ за условите на договорот што привремено би го прекинал тримесечниот конфликт на Блискиот Исток. Според сегашните информации, договорот би вклучувал продолжување на сегашниот прекин на огнот за дополнителни 60 дена, како и рамка за преговори за иднината на нуклеарната програма на Иран, пренесува CNBC.
Германскиот DAX е во благ плус од 0,02 проценти, како и францускиот CAC 40, за 0,62 проценти, FTSE 100 за 0,09 проценти, додека московскиот MOEX е во пад од 0,66 проценти. Европските фјучерси за гас за јули беа продадени денес на отворањето на берзата во Амстердам TTF по цена од 47.260 евра за мегават-час.
Вредноста на еврото во однос на доларот на берзата Форекс денес е 1,16498 долари. Цената на златото се искачи на 4.517,56 долари за тројанска унца, а цената на пченицата падна на 6,2196 долари за бушел (еден бушел е еднаков на 27,216 кг).
Азиските пазари во голема мера ги игнорираа новите воени активности на Иран, при што јужнокорејскиот Коспи и јапонскиот Топикс достигнаа рекордни максимуми преку ноќ. Американскиот берзански индекс Дау Џонс се зголеми за 0,05 проценти на 50.668,97 поени, S&P 500 за 0,58 проценти на 7.563,63 поени, а Насдак за 0,91 процент на 26.917,47 поени.










