Ќе има казни за плати под минималецот

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, испрати остра порака до бизнис заедницата: ниту една компанија не смее да ги заобиколува законските прописи преку нудење плати пониски од утврдениот минималец. По информациите дека во базата на Агенцијата за вработување фигурираат илјадници огласи со суми под законскиот праг, министерот најави вонредни контроли и казни за прекршителите.

На официјалната презентација на Оперативниот план за вработување за 2026 година, беше отворено прашањето за околу 9.000 активни огласи на веб-страницата на Агенцијата кои нудат примања под минималната плата. Министерот Дурмиши најави состанок со директорите на Агенцијата за вработување и Трудовиот инспекторат за да се испита реалната состојба.

„Ќе имаме состанок и ќе направиме контроли кај овие компании. Ќе ве информираме какви мерки ќе преземеме. Не е важно дали огласите за работа се стари или нови, не може да се нудат огласи со плата под минималната, имаме закон којшто е на сила. Бидете сигурни дека доколку навистина е така, односно се нудат работни места со плата под минималната, ќе преземеме мерки за тие да бидат санкционирани. Не може ниту една компанија да го злоупотребува законот, “ одговори Дурмиши