Бизнис секторот со препораки за поголем економски раст во 2014 година

31

ekonomski-rast1 Реализација на капиталните инвестиции, вложувања во енергетиката, инфраструктурата, зголемување на извозот, освојување нови, алтернативни пазари и соработка со земјите од Кавкаскиот регион, Блискиот Исток, Заливот и Магреб, се само дел од сугестиите на бизнис секторот за раст на економијата во 2014 година.
Според Стопанската комора, извозот треба да е меѓу приоритетите, а за негово интензивирање, неопходно е здружување на компаниите пред се заради понуда на заеднички производ со повисоки вредности.
“Окрупнувањето на македонската економија и здружувањето на компаниите во поголеми кластери е најважно за поддршка на извозот, бидејќи малите фирми не можат да направат значаен пробив на пазарот. Настапот на алтернативните, поголеми, далечни пазари, бара обем на понудена количина на што домашните компании не се секогаш подготвени”, велат од Комората.
Став на компаниите-членки е развивањето на соработката со земјите од југоисточен Медитеран или земјите од Барселонскиот процес кон кој ќе се приклучи и Либија, земјите од соседството (CIS и кавкаските земји) и земјите од Заливот, да се сфати како составен дел од нашиот европски интегративен процес.
Комора нагласува дека за поттикнување и раст на извозот, конкретни мерки и активности треба да преземат сите засегнати, како компаниите и коморите, така и државата.
Една од препораките е македонската економија навреме да се наметне со конкурентни, квалитетни производи на европските пазари каде реализираме над 90% од пласманот. Но, притоа, мора да се земе предвид и да се надмине проблемот со високата концентрација на извозот само во неколку земји.
“Скоро половина од извозот во ЕУ е насочен кон четири земји, Германија, Грција, Италија и Бугарија, додека 90% од извозот во земјите на ЦЕФТА, отпаѓа на Србија, Косово и Хрватска. Тоа може да има негативни последици по неговиот натамошен раст, имајќи ги предвид проекциите на ММФ за економските активности на глобално ниво и одделно по региони за 2014 година”, укажуваат од Комората.
Надеж за македонскиот извоз, според Сојузот на стопански комори (ССК), е излегувањето на ЕУ од рецесија и првпат проектираниот економски раст од 1,4%.
ССК прогнозира дека годинава главни двигатели на економскиот раст ќе бидат 20% зголемените капитални инвестиции предвидени во Буџетот, домашните и странските директни инвестиции, мерките на Народната Банка, референтната каматна стапка од 3,25%, ограничената побарувачка на благајнички записи според јасна определба на побарувачката, ослободувањето на задолжителните резерви на банките за износот на кредитите на нето-извозниците и домашните производители на електрична енергија.
Според компаниите членки на Сојузот, градежниот сектор останува двигател на растот и во 2014 година.