Повеќе од половина милион работни места во ЕУ се во опасност поради зголемувањето на трошоците

Европската комисија ќе предупреди дека Европската Унија би можела да се соочи со губење на стотици илјади работни места во наредните години поради комбинација од високи цени на енергијата, реструктуирање на индустријата и трошоци за зелена транзиција.

Во Брисел расте загриженоста дека економските предизвици со кои се соочува блокот стануваат сè посериозни и ќе имаат директни последици врз пазарот на трудот.

Според документите што Комисијата ќе ги претстави како дел од пролетниот пакет на европскиот семестар, продолжувањето на енергетската криза, дополнително отежната со војната меѓу САД и Израел против Иран, би можело да загрози 560.000 работни места ширум ЕУ веќе во 2026 година. Најголем ризик им се заканува на секторите кои трошат многу енергија, како што се транспортните, градежништвото, металургијата и индустријата, објавува „Политико“ врз основа на преглед на документот.

Заменик-претседателката на Европската комисија задолжена за вештини и вработување, Роксана Минзату, рече дека конкурентноста на Европа нема да зависи само од технологијата, капиталот или финансиските правила, туку пред сè од работниците, нивното знаење и способност да се прилагодат на претстојните промени.

Поради забавување на економската активност, ЕК ја коригира прогнозата за невработеноста. Додека минатата есен се очекуваше стапката на невработеност во ЕУ да биде 5,9 отсто во 2026 година и 5,8 отсто во 2027 година, сега се проценува дека таа ќе остане на околу 6,0 отсто во двете години, што укажува на послабо закрепнување на европската економија отколку што претходно се претпоставуваше.

Истовремено, се очекува натамошен раст на буџетските дефицити и јавниот долг на земјите-членки. Комисијата проценува дека колективниот дефицит на земјите од ЕУ ќе се зголеми од 3,1 отсто од БДП во 2025 година на 3,5 отсто во 2026 година и 3,6 отсто во 2027 година. Тоа значи дека владите ќе мора да позајмуваат повеќе за да ги финансираат социјалните програми, енергетската транзиција и да ја поддржат економијата во услови на побавен раст.

Пораката од Брисел е дека Европската Унија е под притисок од неколку истовремени кризи, од енергетска нестабилност и геополитички конфликти до индустриска трансформација и транзиција кон зелена економија. ЕК предупредува дека без нови инвестиции во работната сила и конкурентноста, дел од европската индустрија и вработувањето ќе бидат изложени на сериозни ризици во наредните години.