Рено влегува во партнерство со Талес за развој на воено возило

Рено Груп (Renault Group), во партнерство со компанијата за одбранбена технологија Талес (Thales), ќе развие воено возило, соопшти во понеделникот автомобилскиот производител, проширувајќи ги своите проекти за поддршка на европските напори за повторно вооружување.

Проектот се потпира на индустриското знаење и искуство на Рено и безбедносните комуникациски технологии на Талес, со цел да се создаде мултифункционално возило кое може брзо да се произведе со оптимални трошоци, наведуваат од автомобилската компанија.

Руската инвазија врз Украина и промената во американската надворешна политика под претседателство на Доналд Трамп доведоа до зголемување на инвестициите во одбраната од страна на европските земји. Неколку европски одбранбени фирми гледаат кон автомобилскиот сектор за дополнителен производствен капацитет, со цел да го зголемат производството по бранот добиени нарачки, пишува Ројтерс.

Од Рено претходно соопштија дека одговориле на барањата на француското Министерство за одбрана за придонес во воени проекти, вклучувајќи го и планот за производство на воздушни дронови со производителот на беспилотни летала Туржис Гајар (Turgis Gaillard).

Прототипот на новото возило, наречен „4 ТРУП“ (4 TROOP), ќе биде претставен на саемот за одбрана „Евросатори“ (Eurosatory), кој се отвора во близина на Париз.