Дигиталното евро се приближува, тестирањето ќе започне во 2027 година

Европската централна банка (ЕЦБ) ги забрзува подготовките за воведување на дигиталното евро, а пилот-проектот за тестирање на неговата техничка функционалност, оперативни процеси и корисничко искуство треба да започне во втората половина на 2027 година, изјави членот на Извршниот одбор на ЕЦБ, Пјеро Чиполоне.

Обраќајќи се пред Комитетот за економска и монетарна политика на Европскиот парламент, Чиполоне истакна дека брзото завршување на преговорите меѓу Европскиот парламент, Советот на ЕУ и Европската комисија ќе овозможи усвојување на законскиот пакет за единствената валута до крајот на оваа година, објави ЕЦБ.

Според него, усвојувањето на правната рамка е неопходно за ЕЦБ да може да ги заврши подготовките за дигиталното евро и да му обезбеди сигурност на пазарот во врска со можниот датум на неговото прво издавање.

Во пилот-програмата ќе бидат вклучени вработени во Евросистемот, одбрани банки и други даватели на услуги за плаќање, како и трговци. Ќе бидат тестирани секојдневните плаќања во продавници, кантини на централните банки и преку интернет.

ЕЦБ веќе избра 36 даватели на услуги за плаќање од повеќе од 50 кандидати, додека изборот на онлајн и мобилни трговци ќе биде објавен на почетокот на следната година.

Пробната верзија на дигиталното евро нема да има статус на законско средство за плаќање. Целта е да се тестираат техничките можности, безбедноста и функционирањето на системот пред евентуалното официјално воведување.

Чиполоне предупреди дека одложувањето на усвојувањето на регулативите може да го забави целиот процес и да ја продлабочи зависноста на Европа од странските компании што обезбедуваат услуги за плаќање.