Прекинат процесот на приватизација на Пошта и Телеком Косово

44

ptkКосовските власти одлучија да го запрат процесот на приватизација на Пошта и Телеком Косово (ПТК), изјави вчера министерот за економски развој на Косово, Фадил Исмаили, пренесува Бета.

Исмаили појаснува дека одлуката за прекинување на приватизацијата ја донел меѓуминистерски одбор кој ги зел во предвид ставовите на пратениците на косовското собрание. Одлуката на надлежниот одбор е предадена на Владата на Косово.

Јавните критики за начинот на приватизација на ПТК поради недоволна транспарентност влијаеја врз Владата да побара од Собранието уште еднаш да го разгледа извештајот за приватизација на оваа компанија.

Кон крајот на декември, косовското собрание од нацрт Законот за буџет за 2014 година го отфрли амандманот 8 со кој се предвидуваше продажба на 75% акции на ПТК и го усвои буџетот за 2014 без него.

ПТК, најпрофитабилната косовска компанија, има околу еден милион претплатници на мобилни телефони и 100.000 на фиксни, а пружа и пристап до интернет услуги.

Најголем конкурент на ПТК е локалниот огранок на Телеком Словенија.

Првиот обид за продажба на ова претпријатие во 2011 година заврши со неуспех поради корупцискиот скандал во кој беа вмешани високи претставници од компанијата.