
Расположението кај германските извозници малку се подобри на почетокот на летото, со оптимизам во индустријата за електрична опрема и пијалоци и постојани проблеми во автомобилскиот сектор, според истражувањето на економскиот институт Ифо.
Индексот на очекувања на ИФО во извозниот сектор се зголеми во јуни за два поена, на минус 3,7 поени.
Институтот, со седиште во Минхен, предупредува дека е прерано да се зборува за оптимизам кај извозните компании, посочувајќи на големи разлики во очекувањата меѓу секторите.
„Извозниците се сè уште скептични и сигнализираат претпазливост при проценката на шансите за ублажување на геополитичката неизвесност на долг рок, а меѓународната конкуренција е сè уште силна“, вели раководителот на истражувањето во Ифо, Клаус Волрабе.
Истражувањето во јуни покажа дека компаниите во секторот на електроиндустријата се оптимисти и очекуваат забележително зголемување на извозот, а производителите на пијалоци се исто така пооптимисти за водење бизнис во странство.
Во фармацевтската индустрија, како и во производителите на стакло и керамика, се очекува и раст на извозот, иако во умерен обем.
Хемиската индустрија во голема мера ги компензираше полошите мајски резултати и очекува само мал пад, објавува Хина.
Ситуацијата дополнително се влоши во автомобилската и металопреработувачката индустрија, кои продолжуваат да предвидуваат пад на извозот. Расположението е полошо само во хартиената индустрија.











