
Европската Унија (ЕУ) е подготвена да воведе извозен данок на отпад од алуминиум за да спречи вредниот метал да заврши во САД или Азија во време кога отпадните материјали се натпреваруваат и во глобалната трка за ресурси.
Планот е извозна давачка од 15 проценти и тоа би бил прв пат Брисел да воведе данок на стоки што излегуваат од ЕУ.
Се очекува формалниот предлог да биде објавен на 9 септември, објави „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на два извори запознаени со ова прашање.
Европските производители на алуминиум долго време се жалат дека нивните конкуренти во другите делови од светот, поради поголемиот профит, можат да понудат подобра цена за купување алуминиумски отпад во Европа, топејќи го во свеж алуминиумски производ кој потоа се извезува назад во ЕУ.
Тие тврдат дека ЕУ треба да ја задржи можноста да го произведува тој метал, кој се користи во разни зелени технологии и оружја.
САД воведоа царина од 50 проценти за увоз на готови алуминиумски производи, но нема царина за увоз на алуминиумски отпад.
Во последните месеци, побарувачката за таков отпад од ЕУ дополнително се зголеми поради проблемите околу Ормутскиот теснец, што го намали извозот од земјите од Персискиот Залив.
Според Европското здружение за алуминиум, кое ги собира производителите, минатата година извозот на алуминиумски отпад достигна рекордно ниво од 1,27 милиони тони, што е за околу 50 проценти повеќе отколку во 2019 година. Поголемиот дел отиде во Индија и Кина.
Од октомври минатата година, цената по тон скокна за 50 проценти од 1.500 евра на 2.240 евра. Сепак, цената на самиот алуминиум растеше побавно од 2.700 евра на 3.150 евра, што имаше неповолен ефект врз маржите. Европските производители исто така имаат повисоки трошоци за енергија од нивните конкуренти.
Европскиот комесар за трговија, Марош Шефчовиќ, вети дека ќе покрене соодветни мерки во врска со алуминиумскиот отпад до крајот на јуни, но имаше силен отпор од препродавачите во тој сектор кои тврдат дека какви било ограничувања би ги ставиле во неповолна положба, отежнувајќи ја примената на циркуларната економија. Тие бараат силна и стабилна домашна побарувачка за рециклирачки материјал во рамките на ЕУ.
Главниот директор на Европската асоцијација за алуминиум, Пол Вос, ја поздрави намерата за воведување на царинската давачка, нагласувајќи дека е неопходно да се одбранат европските интереси. Тој додава дека производителите инвестирале многу во капацитети за рециклирање, делумно за да ги намалат емисиите на јаглерод, но околу 15 проценти од тие капацитети се неискористени бидејќи не можат да си дозволат да купат доволна количина алуминиумски отпад.
Тоа здружение наведува дека недостигот од отпад за рециклирање во ЕУ изнесува околу два милиони тони алуминиум.











