Ќе се преплави ли Македонија со кинеска стока по новите царини на ЕУ?

Европската Унија воведе царина од 3 евра за пратките од трети земји, што значи дека производите од „Тему“, „Алиекспрес“ и „Шеин“ ќе поскапат. Со реформата се укинува досегашното ослободување од царина за пратки со вредност до 150 евра, па практично сите комерцијални пратки што влегуваат во ЕУ ќе подлежат на царинска постапка. Целта е да се заштити европскиот пазар од напливот на евтини производи од Кина. Според домашните експерти, дел од таа стока би можела да се пренасочи кон македонскиот пазар, кој засега нема дополнителни заштитни мерки за домашното производство.

Игор Гешовски, сопственик на „Еко Логистик Сервис“, за „Локално“ вели дека очекува и Македонија да воведе слични мерки за да го заштити домашното производство и трговија од нелојалната конкуренција.

„Европа ја воведува оваа мерка за да го зачува пазарот за европските производи и да ги заштити европските трговци. Е-трговијата со евтини производи од Кина предизвика големи загуби и затворање на многу бизниси. Кина со години ги субвенционира своите производители и има многу пониски производствени трошоци, па европските компании тешко можат да бидат конкурентни. Кај нас состојбата е уште потешка – платите се повисоки, продуктивноста е пониска, а пазарот е преплавен со евтина кинеска стока“, вели Гешовски.