
Околу 10,3 милиони странски туристи ја посетиле Шпанија во мај, што е за 9,5 отсто повеќе во однос на истиот месец минатата година и претставува нов рекорд за мај, објави шпанскиот национален институт за статистика (INE).
Најмногу туристи се од Велика Британија, речиси 2,2 милиони, што е зголемување за 6,1 отсто во однос на мај лани.
По нив следуваат Франција со околу 1,3 милиони посетители и раст од 11,1 процент, како и Германија, од каде што пристигнале приближно 1,3 милиони туристи, односно девет проценти повеќе од претходната година.
Најголем број посетители, околу 5,4 милиони, престојувале во Шпанија помеѓу четири и седум ноќевања, што е за 14,1 проценти повеќе во споредба со мај 2025 година.
Бројот на еднодневни посети на Шпанија се зголемил за 2,7 проценти, додека бројот на туристи кои престојувале подолго од 15 ноќевања се намалил за 3,7 проценти.
Каталонија беше најпосетуваниот шпански регион, со учество од 21,1 процент во вкупниот број на странски туристи, пред Балеарските Острови со 20,6 проценти и Андалузија со 15,9 проценти.
Повеќе од 36,8 милиони странски туристи ја посетиле Шпанија од почетокот на годината до крајот на мај, што е зголемување од пет проценти во споредба со истиот период минатата година, според соопштението на веб-страницата на INE
Меѓународните туристи потрошија рекордни 13,55 милијарди евра во Шпанија во мај, што е за 10,9 проценти повеќе во однос на истиот месец минатата година, додека просечната дневна потрошувачка се искачи на 214 евра.
Просечната потрошувачка по турист изнесуваше 1.321 евра, што е за 1,2 проценти повеќе во однос на мај 2025 година.
Во периодот од јануари до крајот на мај, меѓународните туристи потрошија вкупно 50,26 милијарди евра во Шпанија, што е за 7,8 проценти повеќе во однос на истиот период минатата година.
.












