Трговијата меѓу ЕУ и САД достигна рекордни 875 милијарди евра минатата година и покрај царините

Вредноста на трговијата меѓу Европската Унија и Соединетите Американски Држави достигна рекордни 875 милијарди евра минатата година и покрај растот на трговските тензии и царините, но вкупните резултати кријат сериозни проблеми во одредени сектори, според анализа објавена денес од Германскиот институт за економија (IW).

Извозот на ЕУ во САД се зголеми за 7,7 проценти, на 580 милијарди евра, додека увозот на американска стока во ЕУ се зголеми за 2,2 проценти, на 295 милијарди евра, што го донесе трговскиот суфицит на Унијата на речиси 285 милијарди евра, објавува Ројтерс.

На прв поглед, рекордниот обем на трговија би можел да укаже дека царините воведени од американскиот претседател Доналд Трамп, како и политичките тензии, не ги оштетиле економските односи, но економистката на IW, Замина Зултан, оцени дека таков впечаток е погрешен.