Германија увезува работна сила, но не успева да ја задржи: Кои три европски земји им ги „крадат“ работниците?

Германија е сè поуспешна во привлекувањето квалификувани работници, но има сè поголем проблем со нивното задржување.

Истражувањето на Институтот за пазар на труд и занимања покажува дека многу имигранти ја напуштаат земјата по краток престој, најчесто поради семејни причини, бирократија, тешкотии со домувањето, учењето јазици и чувство на дискриминација.

Според податоците на институтот, оние што заминуваат се во просек помлади, живееле во Германија пократко време, почесто имаат партнер или деца во странство, зборуваат помалку германски, но добро го познаваат англискиот јазик. Околу 60 проценти од нив се враќаат во својата татковина, додека 40 проценти одат во други земји. Најпопуларните дестинации се Шпанија, Швајцарија, Италија и Хрватска.

Имигрантите ги наведуваат долгите и комплицирани процедури за добивање дозволи за престој, визи, државјанство и признавање на странски дипломи како еден од главните проблеми. Чекањето одговори од институциите, високите такси и недоволната поддршка за вработување им го отежнуваат планирањето за иднината и создаваат чувство дека не се добредојдени.

Експертите предупредуваат дека германскиот јазик е клучот за опстанок, особено на пазарот на трудот. Ако работниците дојдат во Германија без доволна јазична подготовка и без јасна поддршка, многу е поголема веројатноста да се вратат или да заминат во друга земја.

Посебен проблем е што многумина не работат работи што одговараат на нивните квалификации. Затоа во Германија сè повеќе се зборува за нов пристап – не само за „донесување работници“, туку и за создавање услови за нивно останување во земјата.