
Големите инвестиции во компании кои развиваат вештачка интелигенција би можеле да се претворат во инвестициски меур, чие пукање би предизвикало значителни загуби за инвеститорите, предупреди денес директорот за инвестиции и главен економист на швајцарската банка Рајфајзен, Матијас Гајсбилер.
Овој експерт смета дека пазарот во моментов е во фаза на изразен оптимизам, каде што очекувањата на инвеститорите честопати се значително повисоки од реалните деловни резултати на компаниите кои развиваат технологии за вештачка интелигенција, објавува Swissinfo.
Гајсбилер оцени дека вештачката интелигенција претставува технолошка револуција со долгорочен потенцијал, но предупреди дека се создаваат превисоки пазарни вреднувања околу одредени компании, потсетувајќи на периодот на интернет еуфорија кон крајот на деведесеттите години од минатиот век.
Според него, пазарот би можел да доживее корекција ако компаниите не ги исполнат високите очекувања во врска со приходите и профитабилноста или ако инвеститорите станат повнимателни поради повисоките каматни стапки и забавувањето на економскиот раст.
Сепак, Гајсбилер не очекува сценарио идентично со пукањето на дот-ком меурот во 2000 година, истакнувајќи дека денешните водечки технолошки компании имаат силни биланси на состојба, остваруваат значителен профит и имаат стабилни извори на приход, за разлика од многу интернет компании од тој период.
Неговото предупредување доаѓа во време кога повеќе економисти и финансиски институции укажуваат на ризиците поврзани со забрзаниот раст на инвестициите во вештачка интелигенција.
Банката за меѓународни порамнувања (БИС), Меѓународниот монетарен фонд и некои централни банки предупредија во последните недели дека високите вреднувања на технолошките компании и големите трошоци за инфраструктура на вештачка интелигенција би можеле да ја зголемат ранливоста на финансиските пазари ако отсуствуваат очекуваните приноси.











