
Глобалните испораки на мобилни телефони нагло паднаа во вториот квартал, а повисоките цени беа под влијание на зголемувањето на цените на чиповите поради растот на нарачките за вештачка интелигенција, покажаа прелиминарните проценки од консултантската компанија Counterpoint Research.
Во периодот од април до јуни, глобалните испораки на паметни телефони се намалија за 11 проценти во споредба со истиот период минатата година и беа на најниско ниво за 13 години. Во првите три месеци од 2026 година, тие се намалија за пет проценти.
Главниот товар врз секторот беше недостатокот на мемориски чипови и понатамошното зголемување на нивните цени, бидејќи добавувачите им даваат приоритет на клиентите од секторот за центри за податоци за вештачка интелигенција (ВИ), објавува Хина.
Недостатокот предизвикува најголеми проблеми за производителите на поевтини мобилни телефони, а производството на уреди во понискиот ценовен опсег станува помалку профитабилно. Ефектите од недостатокот ќе се почувствуваат уште посилно кога залихите натрупани пред прекинот на снабдувањето ќе се распродадат, предупреди „Каунтерпоинт рисрч“, забележувајќи дека некои модели поевтини од 150 долари би можеле да исчезнат од продавниците.
Производителите на електроника веќе го префрлија товарот на повисоките цени на компонентите врз потрошувачите, зголемувајќи ги цените, особено за уредите од најнискиот и средниот ценовен опсег, кои имаат најголем удел во светските испораки. Така, најголем пад на испораките во вториот квартал во групата на петте најголеми производители на паметни телефони забележаа кинеските компании Xiaomi, Oppo и Vivo, бидејќи најголемиот удел на нивните производи припаѓа на тие две ценовни категории.
Најголем раст меѓу петте водечки производители забележа „Самсунг“, кој се врати на првото место на ранг-листата на најголемите добавувачи, со пазарен удел од 24 проценти. Јужнокорејската компанија беше поттикната од силната продажба на серијата Galaxy S26, подобрата достапност на производите и пониското зголемување на цените на пазари како Индија и Блискиот Исток.
Американскиот Apple, исто така, забележа зголемување на испораките во вториот квартал, за три проценти. Уделот на компанијата на светскиот пазар достигна 20 проценти во изминатиот квартал, поради континуираната силна побарувачка за модели на iPhone и стабилните цени. Аналитичарите сè уште очекуваат дека Apple, исто така, ќе ги зголеми цените во наредните месеци.
Глобалните испораки на мобилни телефони ќе се намалат за 14 проценти оваа година, а недостигот на мемориски чипови ќе се продолжи и во 2027 година, предупредуваат експертите во нов извештај.











