
Компаниите во еврозоната очекуваат дека во следната година ќе ги зголемуваат продажните цени побавно и дека растот на платите на вработените ќе биде поумерен, покажува најновото истражување на Европската централна банка (ЕЦБ), чии резултати беа објавени во понеделник.
Иако инфлацијата сè уште се движи околу три проценти поради високите цени на енергијата, истражувањето засега не покажува дека имало ширење на инфлаторни притисоци врз платите и другите цени, од што особено се плаши ЕЦБ, објавува Ројтерс.
Повеќе од 5.000 анкетирани компании проценуваат дека нивните продажни цени ќе се зголемат за 3,2 проценти во следните 12 месеци, во споредба со очекуваните 3,5 проценти од претходното истражување. Во исто време, очекувањата за раст на трошоците, вклучително и енергијата, беа намалени од 5,8 на 5,2 проценти.
Очекуваниот раст на платите исто така забави, од 2,8 на 2,5 проценти, што ќе биде еден од клучните индикатори што ЕЦБ ќе ги разгледа на состанокот за каматните стапки оваа недела.
Инфлациските очекувања на компаниите останаа претежно стабилни. Пазарот очекува дека ЕЦБ нема да ги промени каматните стапки оваа недела, но порастот на цените на нафтата ги зголемува проценките дека ново зголемување на референтната каматна стапка би можело да следи веќе во септември.











