
Управниот совет на Европската централна банка одлучи да ги задржи сите три клучни каматни стапки непроменети, со оценка дека поради конфликтот на Блискиот Исток, сè уште постои голема неизвесност поврзана со цените на енергијата и нивното влијание врз инфлацијата.
Каматната стапка за депозити во готово останува на 2,25 проценти, стапката за главни операции за рефинансирање на 2,40 проценти, а каматната стапка за кредитирање на крајот на денот на 2,65 проценти.
ЕЦБ соопшти дека изгледите за цените на енергијата, и покрај силната нестабилност, во моментов се блиску до нивоата вклучени во јунските проекции на експертите на Евросистемот. Сепак, цените се уште се значително повисоки отколку пред избувнувањето на конфликтот на Блискиот Исток.
Целосното влијание на енергетскиот шок врз инфлацијата сè уште не е видливо, па Управниот совет ќе го следи неговиот интензитет и времетраење, како и можните индиректни ефекти и ефектите од вториот круг, односно прелевањето на растот на трошоците на други цени и плати.
ЕЦБ останува посветена на среднорочната цел на инфлација од два отсто. Денешната одлука, велат оттаму, и остава доволно простор на централната банка да дејствува во услови на зголемена неизвесност.
Одлуките ќе зависат од новите податоци
Управниот совет уште еднаш нагласи дека не се обврзува однапред на конкретна динамика на промена на каматните стапки.
Идните одлуки ќе се носат на секој состанок посебно и ќе зависат од проценката на инфлаторните перспективи и ризици, новите економски и финансиски податоци, движењето на базичната инфлација и силата на преносот на монетарната политика во економијата.
Тоа значи дека ЕЦБ во моментов не сигнализира неизбежно намалување или ново зголемување на стапките, туку ги остава отворени двете можности, во зависност од тоа како ќе се развива инфлацијата и последиците од енергетскиот шок.











